Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција информираше дека Владата го усвоила законот за заштита на потрошувачите на предлог на министерството за економија.
– Овој закон ќе помогне да се подобри квалитетот на живот на граѓаните, за заштита на потрошувачите и за заштита на ранливите категории на граѓани во деловните трансакции. Со овој закон се обезбедува високо ниво на првата на потрошувачите, но и полесно деловно уредување. Исто така се уредуваат правата и обврските на здружението за заштита на потрошувачите, а предвидени се и инструменти за брзо решавање на споровите – изјави Бектеши.
Министерот укажа дека како новина се воведува посебно внимание на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики при продажба, вклучувајќи ги и дигиталните понуди.
Одредена трговска практика е нечесна ако го доведува во заблуда потрошувачот, особено ако не се наведуваат јасно условите. Трговска практика се смета за нечесна ако го доведува во заблуда потрошувачот, па дури и ако информациите се точни, но го доведуваат во заблуда потрошувачот да донесе одлука која не би ја донел во вообичаени услови. Нечесно е и ако со принуда или примена на сила го доведе во заблуда потрошувачот или го наведе на пазарна одлука која не би ја донел во други услови – појасни Бектеши.
Министерот укажа дека во зависност од големината на компанијата, предвидени се казни од 500 до 10 илјади евра казна за непочитување на законот.
Во делот на санкциите, предвидена е и привремена забрана за работа од три месеци до две години, за среден и голем трговец, и 20 дена за микро и мал трговец. Одговорните лица, ќе добијат забрана за вршење дејност од 3 месеци до 1 година – рече Бектеши.