Законското решение за задолжително пензионирање на возраст од 64 години и 15 години стаж, ќе ги испразни судовите.
На 30-ти јуни, во четврток, кога влегува во сила оваа законска измена во работната сфера донесена минатата година, во пензија ќе си заминат 60 судии и 13 обвинители.
Владата предлага тие да останат уште три години, односно до моментот кога ќе наполнат 67 години, што е период во кој се очекуваат нови дипломци од Академијата за судии и обвинители.
Предлог законот е предложен по скратена постапка, а во Собранието му беше додадено и европско знаменце.
Од Министерството за труд, само кусо образложение за дополнителните буџетски трошоци.
За опозицијата, сомнително е што Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ќе одлучуваат за вакво продолжување на мандатот.
Реагираат и што Комисијата за европски прашања би требало да биде матична комисија.
Ако Собранието има намера да го донесе законот до четврток, заседанието на Комисијата за европски прашања има итен карактер.
Но, додавањето европско знаменце и честото носење закони по скратена постапка е една од главните забелешки за работата на Собранието во европскиот извештај.
Соња Николовска