Паднаа цените на нафтата

|

Цените на нафтата денеска паднаа на меѓународните пазари на 112 долари, бидејќи стравот од рецесија и послабата побарувачка преовладуваше меѓу трговците, надминувајќи ги стравувањата од недоволната понуда, поттикната од штрајкот во Норвешка.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнево беше пониска за 1,33 долари отколку во моментот на вчерашното затворање и изнесуваше 112,17 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот се тргуваше по 30 центи повисока цена, по 108,73 долари.

Инвеститорите сѐ повеќе се плашат од рецесија, а нивните стравови беа поттикнати од истражувањето на С&П глобал во вторникот, кое покажа силно забавување на економијата на еврозоната во јуни, бидејќи потрошувачите внимателно го одмеруваат секое евро поради високите трошоци за живот.

Побарувачката во еврозоната стагнираше во јуни, а С&П глобал предупредува дека стагнацијата на новите нарачки сигнализира можен пад на активноста во третиот квартал.

Загриженоста за понудата се манифестираше со краткорочно зголемување на цените, за повеќе од три долари на американскиот пазар и за повеќе од еден долар во Лондон, поради можни пореметувања во производството во Норвешка по штрајкот на работниците на платформите.

Производството на нафта и гас се очекува да се намали за 89.000 барели нафтен еквивалент дневно (боеп/д) поради штрајкот, вклучително и 27.500 барели гас на ден, соопшти норвешкиот производител Еквинор. Цените беа поддржани и од Саудиска Арабија, најголемиот светски извозник на нафта, со подигање на цените на суровата нафта за азиските купувачи блиску до рекордни нивоа во август поради ограничената понуда и високата побарувачка.

Исто така, рускиот функционер Дмитриј Медведев во вторникот предупреди дека наводниот предлог на Јапонија за преполовување на цената на руската нафта ќе резултира со значително помалку нафта на пазарот и може да ги зголеми цените на барелот и над 300 до 400 долари.

Лидерите на водечките светски економии од Г7 минатата недела се согласија да размислат за привремено ограничување на увозните цени на руските фосилни горива, вклучително и нафтата, за да ги ограничат ресурсите на Москва за финансирање на „специјалната во ена опера ција“ во Укр аина.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) посебно објави дека барел нафтена кошница на нејзините членки во понеделникот изнесувал 115,30 долари, што значи дека поскапела за 2,1 долари во однос на претходниот трговски ден.