Арсовска предлага средношколците цело лето да се возат бесплатно во автобус

|

Советниците на градскиот Совет ќе можат на продолжението на последната седница да се изјаснат за предлогот на градоначалничката Данела Арсовска за изменување на Програмата за активностите на Градот Скопје од областа на средното образование во 2022 година, каде една од предложените измени е и бесплатниот превоз за средношколците.

Па така, за организирање и спроведување на бесплатниот ученички превоз, наместо превидените 42 милиони денари, се предлага да се наменат 92 милиони, односно 50 милиони денари повеќе, кои, како што се наведува би се обезбедиле од повеќе ставки од градскиот Буџет.

-На овој начин со средства од Основниот Буџет на Град Скопје се овозможува користење на бесплатен јавен превоз на сите ученици од средните училишта на Град Скопје во текот на целиот летен распуст. Со бесплатниот ученички превоз ќе се унапреди и олесни извршувањето на бројните воннаставни активности на учениците, нивните обврските за посетување феријална пракса, за дополнителна и подготвителна настава и за други спортски активности и потреби за движење. Истовремено со овој проект дополнително се олеснува товарот врз семејните буџети на сите ученици запишани во средните училишта на Градот Скопје, се вели во образложението на предложените измени на Програмата, пренесе Слободен печат.