Советот за сообраќај на Град Скопје определи три тарифи за такси-превозот во град Скопје, а по која ќе се наплатува, ќе зависи од тоа дали цената на бензинот ќе расте или ќе се намалува.
Оттаму појаснуваат дека првата тарифа е старата по која таксистите возат веќе 11 години и е 40 денари старт и 25 денари за секој изминат километар, како и чекање во место за еден час 300 денари.
Втората тарифа е 50 денари старт и 30 денари за секој изминат километар, како и 420 денари чекање во место за еден час, што ќе биде, всушност, и новата цена по која ќе возат таксистите.
Третата тарифа е 60 денари старт и 35 денари за секој изминат километар, како и 480 денари чекање во место за еден час.
Овие три тарифи веќе биле усогласени и прифатени од Асоцијацијата на легални таксисти, Синдикатот на таксисти и Групацијата на автотакси-превозници.
-Цените во предложените тарифи се оптимизирани со цените на горивата, при што предвид се земени и финансиската моќ на корисниците на услугите, пазарните услови, општата економска состојба на државата, како и финансиската исплатливост во дејноста – се наведува во образложението на предлог-одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за автотакси-превоз на патници на подрачјето на градот Скопје и се додава дека причина за пристапување кон предложените измени е зголемувањето на цената на горивата, како и официјалните барања доставени до Град Скопје од страна на такси-компании и здруженија.