Шпекулации од луѓе кои се грижат единствено за својот личен ПИ-АР, вака првиот човек на Регулаторна комисија Марко Бислимовски ги нарече обвинувањата дека во сметките за струја е воведена нова давачка.
Преносот и дистрибуцијата се плаќале отсекогаш, само што до пред два месеци биле вкалкулирани заедно со потрошената струја, а сега се издвоени во фактурите како посебна ставка. Запрашан зошто износот за мрежарина во многу случаи е повисок од оној за струја, Бислимовски вели дека единствената причина за поскапувањето на дистрибутивната и преносната тарифа се зголемените загуби на електрична енергија. Негира дека кражбите на струја имаат врска со ова.
Првиот човек на Стопанската комора за енергетика Ѓорѓи Манасков тврди дека ЕВН манипулира и ги користи кражбите како алиби, за да интервенира во броилата на граѓаните, а државата молчи.
Голем број граѓани деновиве се пожалија дека добиле сметки, во кои преносот и дистрибуцијата е поскап од потрошената струја. Од ЕВН тврдат дека ова може да се случи само ако претплатникот потрошил повеќе струја во евтина тарифа. Поради, како што ги нарекоа, манипулациите на ЕВН, од комората за енергетика најавија протест, на кој ќе побараат државата да му ја одземе лиценцата за работа на универзалниот снабдувач.