Заев доби Голема плакета за придонес во регионалната бизнис интеграција од Стопанската комора

ИЗВОРНов Лист
|

Зоран Заев, поранешниот премиер,  денеска во рамки на саемот „Винска визија на Отвоен Балкан“ што се одржува во Белград, прими Голема плакета од Стопанската комора на Северна Македонија како признание за особен придонес во креирањето и продолжувањето на регионалната иницијатива Отворен Балкан, чија цел е промоција и развој на регионот, преку имплементирање на четирите слободи – слобода за движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот.

Плакетата е за личности кои најмногу придонеле за регионална бизнис интеграција, а Комората ја доделува по повод 100 години од формирањето.

Со оваа награда на Заев му се оддава длабока почит за креирањето на регионалната иницијатива Отворен Балкан.

– Благодарам на Стопанската комора за честа што ни ја укажа на лидерите од овие три земји за Иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи само заедно сплотени регионално, можеме да направиме многу повеќе за економиите на сите земји дел од процесот, да обезбедиме поголема економска соработка, повеќекратно зголемување на размената што ќе придонесе за побрз развој на регионот и благосостојба за граѓаните, изјави Заев.

Заев порача дека како бизнисмен ќе продолжи да ги подржува сите иницијативи во рамки на процесот Отворен Балкан бидејќи истите влијаат на развојот на бизнисите, приходите во буџетите на државите и со тоа влијаат на економската перспектива на регионот на западен Балкан. Изрази и надеж дека и останатите земји од овие простори ќе се приклучат на Иницијативата за сите заедно да чекорат на зацртаниот пат кон Европската Унија.

Стопанската комора – „комора на иднината и консултант на компаниите во бизнисот“, одлучи наградата на Заев да му ја додели на овој прв меѓународен саем за вино, храна и туризам, како дел од активностите кои редовно се одвиваат во рамки на иницијативата Отворен Балкан во насока на подигнување на степенот на регионална соработка и бизнис интеграција.

Ваква награда во јуни, на самиот на Отворен Балкан во Охрид, им беше врачена и на српскиот претседател Александар Вучиќ, како и на македонскиот и на албанскиот премиер, Димитар Ковачевски и Еди Рама.