Новиот британски монарх, кралот Чарлс трети и се обрати денеска на нацијата, обновувајќи го, како што кажа , исполнетото ветување на неговата мајка за доживотна служба.
Во својот прв говор од Бакингамската палата, Чарлс со огромно чувство на тага, но и благодарност и љубов, зборуваше за посветеноста на неговата мајка кон должноста на Британски монарх и за нејзината неицрпна поддршка на семејството.
„Животот на кралицата Елизабета беше живот добро проживеан. Одржано ветување кон судбината и за нејзината смрт длабоко се тагува. Тоа ветување за доживотна служба јас денеска го обновував пред сите вас. Покрај личната така која сето мое семејство ја чувствува, ние исто така ја споделуваме и со голем број од вас во Обединетото Кралство и сите земји каде кралицата беше шеф на државата, во Комонвелтот и ширум светот, длабоко чувство на благодарност за повеќе од 70 години во кои мојата мајка како кралица им служеше на народите на толку многу држави“ – порача британскиот монарх.
Во обраќањето, кое беше пренесувано и во катедралата Свети Павле, каде повеќе од 2000 гости, меѓу кои и премиерката Лиз Трас, ја следеа комеморацијата во чест на кралицата Елизабета втора, новиот британски крал вети дека, како и својата мајка, и тој ќе им служи на сите граѓани на Велика Британија, но и Комонвелтот.
„Како што кралицата направи со непоколеблива посветеност, јас исто така свечено се заложувам себеси во преостанатото време кое Господ ќе ми го додели, да ги почитувам уставните принципи во срцето на нашата нација. Каде и да живеете во Обединетото Кралство или во регионите и териториите ширум светот и без разлика на вашето потекло или верувања, јас ќе се посветам да ви служам со лојалност, почит и љубов, како што правев во целиот мој живот“ – и вети на нацијата Чарлс Трети.
Британскиот крал потврди и дека неговиот син, принцот Вилијам, како наследник на круната и неговата сопруга Кејт Мидлтон ќе ја преземат улогата на принц и принцеза од Велс.
Чарлс Трети ја подвлече и цврстата посветеност на новата Кралица, неговата сопруга Камила, јасно подвлекувајќи ја значајната улога која таа ќе ја има во неговиот живот како британски монарх.
Тој со љубов го спомена и својот втор син од бракот со принцезата Дијана, Хари и неговата сопруга Меган Маркл, кои , како што рече, продолжуваат со својот живот преку океанот.
Во говорот без многу помпа, со огромно чувство на благодарност и љубов кон својата мајка, Чарлс трети без многу двоумење посочи дека неговата должност е да им служи на луѓето а не да владее со нив.
На нацијата и се обрати од собата која кралицата ја користеше за божикните пораки а пред него беше поставена и фотографија од неговата мајка.
Чарлс со британската круна ја наследува функцијата шеф на Комонвелтот, асоцијација на 56 независни земји кои произлегоа од Британската империја а чиј број на жители сочинуваат речиси една третина од светската популација. Чарлс исто така станува шеф на државата на дури 14 земји членки на Комовелтот, меѓу кои и на Канада, Австралија и Нов Зеланд.
Никола Илиевски