Веб страната на Министерството за образование и наука е исклучена откако беше “преземена” со хакерски напад.
Нападот се случил синоќа, а на сајтот на МОН се појавуваше фотографија на грчката хакерска група “Netwatchers” која ја презеде одговорноста за нападот.
Бидејќи надлежните информатички служби почнале да работат на утврдување на фактите за нападот и на подобрување на безбедноста на сајтот, веб страната е исклучена.
Од МОН изјавиле дека сајтот бил информативен и на него немало никакви бази на податоци. Нема потреба од вознемиреност бидејќи податоците се заштитени, а отворена е истрага од МВР и од АЕК каде е пријавен хакерскиот напад.
-Mинистерството за образование и наука е во комуникација со Националниот ЦИРТ центар за компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации каде што е пријавен случајот и од каде очекуваме со поддршка на МВР да се преземат конкретни активности за пронаоѓање на локацијата и изворот на нападите. Во меѓувреме ИТ службата на МОН со поддршка од надворешни соработници презема дејствија за зајакнување на безбедноста на веб страницата, по што повторно ќе биде активирана, велат од МОН.