Минималните трошоци повторно во пораст – за семејство во август биле над 48.000 денари

ИЗВОРНов Лист
|

Минималната кошница во август за едно четиричлено семејство изнесува 48.234 денари, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија. Оттаму додаваат дека се повеќе работници работат а не можат да ги обезбедат основните прехранбени продукти. Според последните податоци на едно семејство кое живее во дом од 50 метри квадратни и не поседува автомобил, само за овозможување на основните продукти за живот му биле потребни 41.295 денари, но со зголемувањето на инфлацијата од 16.8 отсто таа пораснала за 6.937 денари. Во оваа пресметка не се пресметани трошоците за потребни материјали за почеток на учебната година на еден ученик, за кој дополнително треба да се издвојат уште 6.000 денари. Од ССМ велат дека само за храна потребни се нешто повеќе од една минимална плата.

„Според податоците, само за храна и пијалoци во која се вклучени 63 производи кои не ги изразуваат целосните потреби за исхрана, туку ги изразуваат можностите, навиките и традицијата во исхраната, а вредноста на истите не се зема како просечна, туку како минимална вредност, биле потребни 18.324 денари или за 324 денари повеќе од минималната плата“, велат од ССМ.

И од податоците на Државниот завод за статистика трошоците на живот и на индексот на цените на мало бележат зголемување во август во однос на претходниот месец. Најголемо зголемување бележи цената на лебот кој само во август се зголеми за 6,4 проценти, додека за една година поскапувањето изнесува над 44 проценти.

„Пораст на индексите на трошоците на животот во август 2022 година, во споредба со претходниот месец е забележан кај лебот и житата за 6,4 проценти, свежото и разладено овошје за 3,8 проценти, млекото за 3,6 проценти, месото за 2,5 проценти, други прехранбени производи за 1,8 проценти“, информираат од Државниот завод за статистика.

Од СДСМ велат дека Владата одговорно и посветено работи особено во надминување на енергетската криза.

„Цената на електричната енергија за крајните корисници односно за домаќинствата и натаму ќе биде субвенционирана од страна на државата во висина од 80 отсто. Покрај ова се преземаат и долгорочни решенија за зголемено производство на електрична енергија и намалување на зависноста од увоз на струја. Со законски измени секој покрив станува мини електрана со поставување на фотонапонски панели за што постапката е многу поедноставена“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Глобалната енергетска криза оваа зима се очекува да биде една од најтешките, а на тоа укажуваат и од Владата.