Мицкоски за поддршката за Арсовска: Кога не се исполнуваат очекувањата, патиштата може да се разминат

ИЗВОРНов Лист
|

Наша поддршка ќе има секој проект поврзан за Град Скопје, кој е во вистинска насока, без разлика дали е од градоначалничката Данела Арсовска или од мнозинството во Советот. Секој проект кој цениме дека не е во насока на добрите политики ние нема да го поддржиме, рече Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање дали Арсовска се уште има поддршка од него.

За него е важно Скопје да се развива и затоа поддржале независен кандидат, изјави по денешниот состанок со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

Тој во однос на доскорешниот генерален секретар во Град Скопје Ѓоко Велчковски и разрешениот в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација” Златко Перински, истакна дека има апсолутна поддршка во нив и оти верува во нивното чесно работење.

– Вистината е следна, и Ѓоко Велковски доскорешниот секретар кој денеска ја напушти таа позиција и Златко Перински имаат моја недвосмислена поддршка верувам во нивниот чесен карактер и чесно работење. Што се однесува до Перински можам да кажам дека постигнува исклучително високи финансиски резултати во работењето на ЈП Водовод откако е поставен. Во првиот квартал има зголема добивка, за 50 милиони денари поголема наплата и тоа се резултати за почит, јас би посакал да имам таков соработник, а некој за жал не успева да ги искористи нивните капацитети, рече Мицкоски.

Град Скопје го разреши Златко Перински, в.д, директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација” на 9 септември годинава, како што соопшти, поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер.

– Поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на пречистителна станица, Перински е разрешен во петокот на 09.09.2022 година, соопштија од Град Скопје.