Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џеин.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, истакнал дека двете земји во континуитет градат партнерски односи, кои се рефлектираат не само преку високото ниво на политички дијалог, туку и преку соработката во областите од заемен интерес.
Изразувајќи благодарност за конзистентната поддршка од Кралството Шведска за македонските евроинтеграции, претседателот Пендаровски посочил дека отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија е од клучно значење за забрзување на реформската агенда во земјава.
Амбасадорката Ларсон Џеин нагласила дека билатералната соработка се одвива на задоволително ниво во многу области од заеднички интерес, како што се демократијата, родовата еднаквост и животната средина.
Новоименуваната амбасадорка изразила благодарност за брзата и силна поддршка на Северна Македонија за ратификување на протоколите за пристапување на Кралството Шведска во НАТО, како и за принципиелните позиции на Северна Македонија во контекст на демократијата и владеењето на правото на европскиот континент.
Претседателот Пендаровски на амбасадорката Ами Ларсон Џеин ѝ посакал успешен мандат за време на нејзината значајна дипломатска мисија во земјава.