Собранието на Република Северна Македонија денеска во рамки на 84. седница со 69 гласа „за“ го донесе Дополнетиот предлог на закон за буџети, во којшто се вградени амандманите прифатени на седница на Комисијата за финансирање и буџет одржана пред одморите на крајот на јули.
Со овој закон се воспоставуваат нови фискални правила и принципи коишто ќе се применуваат во постапката за изготвување, донесување и извршување на Буџетот на Република Северна Македонија. Законот е усогласен со фискалните правила во ЕУ.
Поставени се нови рокови за буџетскиот процес со што се поместува временската рамка за подготовка на буџетот, предвидени се одредби за управување и располагање со финансиски и нефинансиски средства на државата и општините, со цел подобро користење и располагање на средствата на државата, предвидени се општи одредби за управување со јавен долг и издавање гаранции, со утврдени процедури за задолжување за потребите на централната и локалната власт, како и издавањето гаранции.
Со Законот се регулира и воспоставување Фискален совет, среднорочно буџетско планирање, управувањето со средствата на државата и општините, како и фискалната одговорност и основите за воспоставување на интегриран информационен систем за управување со јавните финансии.