Историската комисија разговараше за промена на учебниците – Гоце Делчев не дојде на дневен ред

|

Во писмено соопштение доставено до медиумите, по завршените средби на надлежните Комисии за историски и образовни прашања на Бугарија и Македонија, македонскиот тим информираше дека разговарале за промена на учебниците, а за Гоце Делчев немало време да разговараат на оваа седница.

„Врз основа на претходно утврден дневен ред членовите на Комисијата разговараа за учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.

Во однос на учебниците по историја тема на дискусија беа средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура. Со оглед на долготрајноста на дискусијата по оваа тема членовите на Комисијата не отворија други теми.

Дискусијата по оваа и другите теми за учебниците по историја ќе продолжи на следната средба, која би требало да се одржи кон крајот на октомври оваа година“, стои во соопштението наод македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

Вчера и денес Комисијата за историски и образовни прашања ја одржа својата 20 седница.