YouTube тивко тестира 5 реклами наместо 2, нема прескокнување

|

YouTube тивко имплементира нов формат на реклами, почнувајќи од септември, 2022 година.

Корисниците кои не се претплатени на YouTube Premium ќе добијат 5 реклами кои не можат да ги прескокнат и тоа пред да почне видеото.

Веста се појави кога неколку корисници на YouTube почнаа да се жалат на Twitter и на Reddit дека добивале 5 реклами наместо 2, пред воопшто да можат да го изгледаат видеото.

По тој повод, YouTube објави официјален одговор на Twitter во кој ја призна ситуацијата и наведе дека новиот „феномен“ од 5 реклами ќе им се појавува на корисниците на кои им излегуваат одредени формати на реклами како „Bumper Ads“.

Како што објаснија од YouTube, рекламите се кратки, обично траат околу 6 секунди и не може да ги прескокнете.

Овие реклами засега не се видливи за сите корисници на платформата, изгледа дека YouTube го тестира новиот формат меѓу одбрана група корисници. Засега, повеќето корисници добиваат само две реклами пред видеото да почне и не е точно познато кога системот од 5 реклами ќе биде „сервиран“ на сите корисници.