Владата одржа уште една седница на која не ја прошири листата на производи со замрзнати цени, согласно најавите на министерот за економија Крешник Бектеши, бидејки како што објасни денес портпаролот на Владата Муамет Хоџа на проширувањето се уште се работи.
„Владата на вчерашната седница не донесе одлука со која се проширува листата на производи на кои им е определена маржата. Економскиот тим е во постојан контакт со сите засегнати страни и во тој контекст како и претходно што најавија ќе има проширена листа на производи по завршување на потребните анализи на пазарот“, рече портпаролот Хоџа.
Со владината одлука, трговската маржа на трговските друштва и трговските поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на белиот леб, сечен на парчиња или цел, белиот шеќер и сончогледовото масло за јадење е утврдена во висина до 5 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало. Додека пак, висината на трговската маржа на трговските друштва и трговските поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко со масленост од 2,8 проценти, 3,2 проценти и 3,5 проценти млечна маст и јајца е во висина до 10 проценти во трговијата на големо и на мало.
Поради значителниот скок на цените на сите останати продукти по замрзнување на маржите на основните продукти, министерот Бектеши најави проширување на листатата.