Премиерот Димитар Ковачевски, со сопругата Елена Ковачевска, присуствуваше на свечениот прием за претседатели на држави и влади, организиран од претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, во рамки на 77-то Генерално собрание на Обединетите нации.
-Присуството на премиерот Ковачевски на приемот организиран од претседателот Бајден е уште една потврда на долгогодишното стратешко партнерството на Северна Македонија со САД, како и поддршката што како држава ја добиваме во исполнување на клучните цели, но и за реализација на предвидените приоритетни политики за економски, социјален и демократски просперитет на државата, наведува владината прес-служба во соопштение.
Од Владата истакнуваат дека придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО и стратешкото партнерство со САД, се од исклучително значење за државата, особено во период на глобална економско-енергетска криза со која се соочува целиот свет.
Исто така, деновиве сопругата на премиерот, Елена присуствуваше на прием организиран од првата дама на Турција, Емине Ердоган во Њујорк, во рамките на промоција на иницијативата “Нула отпад”, соопштија од Кабинетот на премиерот.
Иницијативата на Емине Ердоган „Нула отпад“ има за цел да се подигне свеста за потребата од целосно елиминирање на отпадот, заштита на животната средина со цел да се остави свет со чиста животна средина за идните генерации.