Во Тетово се сечат долгогодишни дрвја, за да се направи паркинг простор во кругот на зградите позади „стара пожарна“. На ова место со градежна механизација се расчистува дворот, кој порано беше зелена површина.
Со реакција излегоа од Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“, која извесен период бара повеќе паркови и зеленило наместо бетонизација на градот. Велат дека упропастување на тие малку зелени површини за да се обезбеди некое паркинг место плус, не е, и не може да биде решение за сообраќајниот метеж.
Од Општина Тетово објануваат дека градежните активности се во координација со граѓаните и дека се спроведува по барање потпишано од страна на 100 станари кои живеат во ул. “Димо Гавровски Кара” за уредување на просторот, на кој е предвидено да има 100 затворени паркинзи.
„Секторот за комунални дејности и заштита на животна средина и природа на ден 05.04.2022 година дал известување на граѓаните дека согласно нашата годишна програма за реализација на затворените паркинзи во Тетово, урбан блок 37 е предвидено да се реализира во период април-јули, со тоа што ќе се постават нови бекатон плочки, хоризонтално обележување и ќе се постави осветлувањето и рампа за влез и излез во паркингот. На ден 26.07.2022 е дадено налог за работа за градежни работи на ул. Д.Г.Кара – урбан блок 37“ – Општина Тетово.
Граѓаните на Тетово велат дека зеленилото кое беше тука, како и многу такви површини во градот не се одржуваат и се против сечењето на дрвја.
Во април годинава беа исечени и десетици дрвја на улицата „Страшо Пинџур“ поради реконстукција. И тогаш имаше остри рекации на граѓани и здруженија кои беа против сечата на дрвја стари со децении.
Данијела Билбилоска