Примислав Димовски повеќе не е началник на Единицата за интервентна полиција. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) во изјава за „Локално“ велат дека тоа е на барање на самиот Димовски.
-Во врска со вашите прашања ве информираме дека лицето за кое прашувате е на негово барање прераспоредено од Единицата за интервентна полиција. Неговата нова позиција според бројот на бодови претставува унапредување од претходната позиција, ни соопштија од МВР.
Димовски претходно беше командант на Единицата за прв одговор и интервенција „Алфи“, а од 2019 година беше назначен за началник на новата Единица на интервентна полиција.
Инаку, Димовски е исто така и поранешен боксерски шампион. Пред неколку години Примислав Димовски му беше лично обезбедување на Бојан Јовановски, познат како „Боки 13“ а во исто време тој е и ангажиран како истражител во Специјалното Јавно Обвинителство, на која позиција беше и пред да стане прв човек на „Алфа“.