Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков денеска на новинарите им изјави дека не би сакал да го разгорува жарот и дека некои теми треба да се затворат, притоа наведувајќи го фудбалскиот меч меѓу репрезентациите на Македонија и Бугарија на која беше исвиркана бугарската химна и шестмесечната условна казна за пејачот Ламбе Алабаковски за палењето на вратата на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.
Според Милков овие два настани откривале структурен проблем околу правата на Бугарите во Македонија. Милков посочи дека казната на Алабаковски е „најлесната можна“ и додаде дека според макодонскиот закон за ова дело се изрекуваат од 6 месеци до 5 години. „Би требало да се очекува релативно посериозна казна, но ова е одлука на независниот суд на РСМ“, додаде министерот.
Па, сепак, Милков оцени дека оваа одлука на судот, како и исвиркувањето на бугарската химна „претставуваат манифестација на омраза. Тие праќаат порака и до луѓето во РСМ и до нас, а тоа не е позитивно“, нагласи Милков. Тој рече дека треба да се обрне внимание на тоа дека јазикот што се користел на натпреварот го користеле политичарите. „Ова е слика на обиди за еродирање на досега постигнатите договори и им сугерира на граѓаните во РСМ каде се наоѓа државата во однос на преговарачкиот процес на РСМ со ЕУ. Обидите за слободно толкување на францускиот предлог и создадената атмосфера во РСМ не го фаворизираат процесот. Има долг пат“, нагласи тој.
На прашањето дали резултатот е 3 спрема 1 во корист на Македонија, како што изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, Милков одговори дека не би сакал да навлегува во фудбалски речник. „Мислам дека ова не е фудбалски натпревар. Не ја сметам оваа реакција за соодветна“, нагласи тој и додаде дека се труди позитивно да гледа на нештата и дека се работи за изјави наменети за внатрешна употреба.