Вербални расправии и навреди на седницата на Советот на Град Скопје и денес повторно, на релација ВМРО-ДПМНЕ – Данела Арсовска. Откако советниците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ упатија бројни критики, Арсовска побара збор.
Славевски ја предупреди дека репликите и дофрлувањата мора да завршат, во интерес на времето, но првиот човек на советот на град Скопје сепак и дозволи на Арсовска да зборува.
-Од оваа говорница не се кажувале навреди. А, што? Навреди смеете само вие да кажувате и тоа не само од оваа говорница. Секаде каде стигнете јавно истакнувате навреди. Значи, не сме на дебата господине. Кога ќе бидеме, ќе разговараме. Не сме на дебата. Бега шпицниот градоначалник од дебата, се крие Христијан Мицкоски. Пет дебати имаше можност, но бега, се плаши што да ви кажам тоа е, изјави Арсовска.
Поради ваквото обраќање на Арсовска, реагираше Славевски. Повика да не се прозиваат лица кои не се поканети на седницата.
-Поканети се советниците, вие сте поканети, вашите соработници и оние кои што треба да презентираат и да бранат точка тука. Ниту еден лидер на политичка партија не е поканет на седницата и не може да го барате тука, изјави Трајко Славевски претседател на Совет на Град Скопје.
Арсовска имаше одговор, при што претседателот на советот го нарече Господин Талат Славевски.
Тој на тоа одговори: Никого не смеете. Ова е лична навреда. Ви одземам збор. Имам право. Ве молам напуштете ја говорницата, јас имам име и презиме. Ве молам напуштете ја говорницата, не правете овдека сцени, на што Арсовска реагираше дека нема право да го исклучува микрофонот…
Сична атмосфера имаше и на претходната седица на Советот на Град Скопје. А, сето ова е резултат откако „пукна“ соработката помеѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ по разрешувањето на директорот на ЈП Водовод, за кого градоначалничката тврди дека имал влијание во тендер за пречистителна станица вреден над 130 милиони евра.