Министерството за внатрешни работи најостро гo демантира Независниот синдикат на полицијата, кој преку социјалните мрежи обвинува дека новата генерација полициски службеници не задолжила униформа и нема да добие униформи.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека новите полициски службеници – приправници треба да се јават на работа во понеделник на 3 октомври и по распределувањето по организациски единици, ќе задолжат униформа во својата организациска единица. Посочуваме дека службеник кој не започнал со работа, нема основ да задолжи униформа пред првиот работен ден и, што е уште поважно, дека потребните количини на униформи во централниот магацин на МВР се на располагање на сите организациски единици“, се вели во демантот.
Според МВР, обвинувањата се „тенденциозно пласирање на невистини, кои имаат крајна цел да наштетат и на институцијата, и на работењето на полицијата, посебно на младите полициски службеници кои со ентузијазам и висока мотивираност се придружуваат на професионалното полициско семејство“.