Вчера се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика. На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за дополнителни 0,25 п.п. до нивото од 5,75%. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,65% и 3,70%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Со последната промена продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика којшто започна од крајот на 2021 година, прво преку активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски и макропрудентни мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот и прагови за следење на квалитетот на кредитната побарувачка, со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем.
Најновите податоци важни за оценување на амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се движат во рамките на очекувањата, но ризиците и натаму опстојуваат. Од тие причини е неопходна натамошна претпазливост при водењето на политиките, заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа. Имено, во согласност со очекувањата, и во април 2023 година годишната стапка на инфлација бележи забавување, коешто започна од ноември минатата година, но таа и натаму, како и во глобални рамки е над историскиот просек. Исто така, базичната инфлација и натаму е на повисоко ниво, што упатува дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната врз оваа компонента сѐ уште не се целосно исцрпени. Очекувањата за идната динамика на увозните цени и натаму се движат по надолна патека, но се проследени со неизвесност поврзана со развојот на војната во Украина. На девизниот пазар движењата се стабилни, при зголемена склоност за штедење во домашна валута, но и натаму постои неизвесност. Гледано од аспект на странската каматна стапка, како битен надворешен фактор за спроведувањето на домашната монетарна политика, на состанокот во мај, ЕЦБ повторно донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки, но поумерено – со покачување на основната камата за 0,25 процентни поени, во согласност со изгледите за одржување на инфлацијата на повисоко ниво од очекуваното, со посебен акцент на притисоците врз базичната инфлација.
Во однос на најновите показатели, кај домашните цени, во согласност со очекувањата, и натаму има тренд на забавување на растот којшто во април 2023 година се сведе на 13% (14,7% во март). Побавниот годишен раст на инфлацијата главно произлегува од помалиот раст на цените кај прехранбената компонента. Најновите очекувања за движењата кај увозните цени упатуваат на надолно придвижување на берзанските цени на нафтата и храната, што поволно би влијаело и врз домашните цени, но и понатаму е нагласена неизвесностa во следниот период, условена од ефектите од војната во Украина.
Во согласност co меѓународните стандарди, нивото на девизните резерви на крајот на април е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на април беа главно стабилни, при што Народната банка само повремено беше присутна на девизниот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, движењата и натаму се поволни, односно трговскиот дефицит во првиот квартал од 2023 година е значително понизок од очекувањата според октомврискиот циклус проекции. Поволни се и остварувањата на менувачкиот пазар, коишто од почетокот на годината, заклучно со април, се малку подобри од проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Што се однесува до домашната економска активност, во последното тримесечје од 2022 година реалниот раст на БДП очекувано забави, со што во просек, за целата 2022 година, економијата бележи реален раст од 2,1%, што е многу блиску до очекувањата од октомвриската проекција на Народната банка. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов упатуваат на минимален годишен раст кај индустриското производство, мал реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, како и солидни стапки на раст кај градежништвото и угостителството. Овие движења посочуваат на веројатно умерено забрзување на растот во првото тримесечје на 2023 година.
Во однос на монетарните движења, според првичните податоци за април 2023 година, растот на кредитната активност на годишна основа и натаму забавува, посилно од очекувањата според октомвриската проекција. Од друга страна, забрзува растот кај депозитите и тој е над очекувањата за вториот квартал.
Општо земено, инфлациските остварувања, во комбинација со неизвесното и променливо надворешно окружување и ризиците коишто сѐ уште постојат, налагаат натамошна претпазливост од носителите на макроекономски политики и соодветна реакција со цел да се закотват инфлациските очекувања и да се стабилизира инфлацијата на потрајна основа. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.