Почнаа работите за изградба на автопатот Прилеп-Битола

|

Автопатот Прилеп-Битола е најголем инфраструктурен проект од коридорот 10Д и заедно со трите делници од Коридорот 8 се најголеми капитални инвестиции, предуслов за економскиот развој на државава, нагласи премиерот Димитар Ковачевски на денешниот официјален почеток на работите за изградба на автопатската делница, според првичните проценки, во вредност од 260 милиони евра. Кај индустриската зона во Прилеп поставена е таблата со податоците за изградбата на автопатската делница, а веднаш почнаа и подготовките и геоистражувачките работи за изградбата на автопатот чиј рок е 57 месеци. Делницата Прилеп-Битола и уште три делници од Коридорот 8 ќе ги гради турско-американскиот конзорциум „Бехтел-Енка“.

-Ова е проект кој е од национален и стратешки интерес на државата од кој придобивка ќе имаат граѓаните, економијата и државите кои ги поврзува овој коридор. Изградбата на Коридорот 10д е траен влог и наследство за идните генерации. Драго ми е што и нашите стратешки партнери, Соединетите американски држави, ја препознаваат важноста на владините политики што ги преземаме за развој на инфраструктурата, особено бенефитот што ќе го има не само нашата, туку и соседните држави од изградбата на најголемиот инфратсруктурен проект, Коридорите 8 и 10Д. Законските измени се предвидени и за патната, и за жалезничката и за енергетската инфраструктура од стратешко значење. нема да се откажам од изградбата на инфраструктурата – рече Ковачевски.
Вицепремиерот Артан Груби испрати и пораки за важноста на изградбата на автоптските делници од двата коридора.

-Порачувам дека ниту Мицковски не може да го запре овој проект. Овој проект продолжува и сите влади, а следната ќе биде, уверен сум, истата ќе го заврши овој проект. Втората порака ми е дека тоа што го гледате денес во Собранието и тоа што пред една недела го направи Владата на седница дека е дојден крај на заложништвото на Собранието и на проектите и на иднината на граѓаните – рече Груби.

Автопатот Прилеп-Битола е многу значаен за стопанскиот развој на југозападниот регион и е поттик за инвестирање на други компании. Воедно, ќе значи отоорање на работни места со ангажирањето на градежни фирми од Пелагониско.

-Сите сме свесни, градбата нема да биде лесна работа, ни претстојат огромни предизвици на терен во овие неколку години, но сакам да уверам дека максимално сме фокусирани на изградбата на овој автопат а исто така и на изградбата на делниците на Коридорот 8. Оттука и потребата да направиме измени во регулативата да ја забрзаме и да ја направиме поекономична и поефикасна изградбата на овие автопати на двата европски коридори. Пелагонискиот регион мора да се развива – рече Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Ејуп Рустеми, директорот на ЈП за државни патишта, најави дека во следните 4 години и 7 месеци ќе се градат по 23 километри автопат годишно, или вкупно 110 километри согалсно Договорот.

-Ова значи отворање на нови 8000 работни места и значи раст на бруто-домашниот производ за 2 насто годишно во наредните пет години и значи избор за заоркужување на европската патна инфраструктура – рече Рустеми.

На денешната свеченост за почетокот на изградбата на автопатот Прилеп-Битола се обратија и амбасадорот на Република Турција Хасан Мехмет Секизќок, в.д абасадорот на САД Ерик Мајер и Џастин Сиберел, претседател на компанијата „Бехтел-Енка“ за Европа, Африка и Блискиот Исток.

-Горди сме што работиме со Владата на Репулика Северна Македонија на овие нови, значајни коридори за подобрување на транспортните комуникации во овој регион, создавајќи илјадфници нови работни места. кои ќе имаат долгорочна економска корист – рече Сиберел.

Амбасадорот Секизќок, нагласи дека Турција има одлична соработка со Северна Македонија и оти во државава се прави уште еден значаен исчекор за побрз, побезбеден транспорт на луѓе и стоки.

Овој проект на изградба на автопатот што се заснова на врвна технологија и стандарди, порача тој, ќе поттикне нов динамизам за економијата на земјата и ќе отвори нови можности за вработување,

-Изградбата на модерна автопатска делница не само што ќе ги движи луѓето и трговијата, туку и ќе привлекува повеќе инвестиции во Северна Македонија. Коридорите 8 и 10Д ќе доведат и до поцврсти врски со соседите – порача в.д амасадорот на САД Ерик Мајер.

Автопатот Прилеп-Битола, делница од Коридорот 10 Д треба да биде готов за 57 месеци. Тоа е рокот за уште две делници од Коридорот 8.

Договорот со „Бехтел и Енка“, стратешки партнер ангажиран со посебен закон и за проектирање и за изградба на автопатите, стапи во сила на 22-минатиот месец. Преку Јавното претпријатие за државни патишта веќе се префрлени првите 117 милиони евра за подготвителните активности во пресрет на градежните работи, а со Програмата за финансирање на делниците на коридорите за годинава се предвидени вкупно 243 милиони евра. Вкупната вредност на проектот, според првичните најави од Владата, ќе изнесува 1,3 милијарди евра, како и дополнителни 300 милиони евра за експропријација.

Во собраниската Комсија за европски прашања е во тек расправа по предложените измени на пет закони со европско знаменце, што според тврдењето на Владата, ќе овозможат поевтина и побрза изградба.