Две лица на возраст од 44 и 42 години се уапсени поради сомнение дека сториле кривични дела „Узурпација“ и „Бесправно градење“, откако доцна синоќа ја урнале оградата на поликлиниката „Бит Пазар“ со багер и во дворот на своја рака почнале со градежни работи за изведба на паркинг, објави порталот „СДК.мк“. Откако ја срушиле оградата, со багерот врз тревата започнале да нанесуваат тампон подлога.
Дирекоторот на Здравствениот дом Скопје д-р Виктор Исјановски под чија јурисдикција е и поликлиниката, изјави дека настанот се случил околу 19 часот, по што чуварот веднаш го известил одговорното лице и директорите.
„Веднаш штом бев информиран за случајот, пријавив во Министерството за внатрешни работи и лично кај министерот Оливер Спасовски. Веднаш беше интервенирано и според моите информации, уапсени се две лица. Не знам што имале намера да градат, но вакво нешто е незамисливо, некој на диво да влезе во јавна установа и да почне да гради“, вели Исјановски за СДК.
Од МВР потврдија дека се уапсени две лица Н. К. (44) и Ш. Д. (42) и известија дека за нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци
„Според пријавеното, во 19.45 часот во близина на поликлиниката Бит Пазар тие тргнале дел од оградата на здравствената установа со намера да го узурпираат просторот и да изградат паркинг, за што немале добиено дозвола од Општина Чаир. За случајот е известен Јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, кажаа од МВР.