Може ли циклонот да донесе поплави и во Македонија?

|

Шара, Кораб, Дешат се природен одбранбен механизам од силните дождови, велат експертите за ДВ. Прогнозите се дека дождовите ќе биде поизразени во западните делови на земјата. Засега нема опасност од поплави.

Обилните врнежи изминатиов период го зголемија стравот од поплави. Надлежните институции во Северна Македонија со внимание ги следат случувањата во Италија и во Хрватска, каде дождовите предизвикаа излевање на рекитe и поплави во неколку региони. Поплавени се домови, патишта и јавни објекти во повеќе населени места. Дел од населението во најпогодените места е евакуирано. Од Италија пристигнуваат и информации за жртви. 

„Засега нема причина за загриженост во Македонија. Циклонот кој доаѓа од Италија не може да се пробие со ист интензитет кај нас. Високите планини – Шара, Кораб, Дешат се природен одбранбен механизам од силните дождови“, велат експертите за ДВ. Прогнозите се дека дождовите ќе биде поизразени во западните делови на земјата, но тие се добредојдени за испостената земја. По тригодишниот сушен период, мала е опасноста за излевање на реките. Најголем проблем остануваат малите канали пред домовите, кои поради негрижа на граѓаните често се затрупани во шут, поради што можат да предизвикаат проблеми. 

Западот почесто зафатен од дождови

Циклонот кој ја зафати Хрватска и Црна Гора изминативе денови се чувствува и во Македонија, но со послаб интензитет. Од УХМР велат дека со внимание ја следеле ситуацијата во Хрватска деновиве, каде што се забележани поголеми облаци и дождови со многу поголем интензитет отколку во Македонија. Тие прогнозираат дека западниот дел на земјата наредниот период ќе биде почесто зафатен од дождови. Во мај и јуни се очекуваат подолги периоди со врнежи, кога ќе има и по десетина дена во низа со нестабилно и облачно време, велат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за ДВ. 

Васко Стојов, раководител на Хидролошкото одделение при УХМР, вели дека високите планини спречија земјата со поголем интензитет да биде погодена од циклонот кој го зафати регионот. Почвата е заситена со влага и можно е да има излевање, или собирање на водата на одредени места. На места каде што има натрупано земја или бујна вегетација, исто така можат да се случат локални излевања, но познавачите на состојбите укажуваат дека нема причина за загриженост. 

„По тригодишен сушен период, врнежите се добредојдени. Во покачување се и подземните, но и површинските води, но сѐ е во рамките на просекот“, вели Стојов. Опасност за зголемување на водостоите на реките и езерата е и топењето на снеговите, особено во регионот на Шар Планина. 

Состојбите од терен укажуваат дека хидролошката состојба во овој момент е стабилна, сите водотеци се стабилни и оти има благо излевање на реката Вардар кај Чегране и Форино, каде постојано има излевање кога има врнежи. Обилните врнежи од дожд го зголемија нивото на реката Вардар кај Јегуновце, кај Железнички мост Скопје и кај Велес во однос на просекот за мај, покажуваат резултатите од последните мерења направени од УХМР. Зголемувања на водостоите се измерени и на Треска кај Македонски Брод, на Пчиња кај Катлановска бања, Брегалница кај Штип и на реката Струмица кај Сушево. Пониско ниво од просекот за мај има реката Црн Дрим кај Ложани, Крива Река кај Крива Паланка и Брегалница кај Берово. Мерењата на УХМР покажуваат дека водостојот на Дојранското Езеро, Преспанското и на Охридското Езеро е во рамки на просекот за мај. 

Каналите остануваат најголем проблем

Засега на државата не ѝ се заканува опасност од големи поплави, дециден е и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. Тој деновиве одржува интензивни средби со сите надлежни институции околу состојбата на теренот, што е преземено досега и што треба да се направи за да се спречат поплави. 

„Состојбата будно се следи од страна на соодветните институции. Можноста за впивање на водата од наредните дождови веќе е намалена и затоа со зголемено внимание треба да ги следиме состојбите со дождовите“, порача Ангелов на прес-конференција деновиве.

Доколку нивото на Вардар кај Јегуновце дојде до 200 сантиметри, ЦУК ќе упати барање до АД ЕСМ да го намалат или стопираат производството на електрична енергија на ХЕЦ Вруток, со што ќе се намали или целосно ќе се прекине дотокот на вода во Вардар од хидроцентралата и ќе може делумно да се контролира водостојот на реката.

Дел од акумулациите, по интензивните дождови прелеваат, но некои не се ни полни. Проблем се дел од реките во Тетово и Беровско, кои се излеваат најчесто поради фрлање шут од страна на граѓаните. На одредени места тие буквално имаат направено мини отпади, истурајќи со камиони сѐ што им е непотребно од домовите. 

Но, најголем проблем сепак предизвикуваат терцијалните канали, односно малите канали кои поминуваат пред куќните дворови, од кои еден голем дел се запоставени. Според Водостопанство, се прават максимални напори за чистење на сите примарни канали, а исчистени се и сите одводни канали кои служат за исцедување на земјиштето. Во добра кондиција се и секундарните канали. Но, се апелира до општинските власти да ги исчистат овие канали во согласност со нивните можности, а граѓаните да не фрлаат отпадоци во нив.