Мистеријата на Титаник пред разрешување: Прва 3D фотографија во полна големина на дното на Атлантикот

|

Спроведено е првото дигитално скенирање со целосна големина на Титаник, кој се наоѓа на длабочина од 3.800 метри на дното од Атлантикот, каде потона при првото патување.

Скенирањето обезбедува уникатен 3D приказ на целиот брод, овозможувајќи да се види како водата да е исцедена од него.

Креаторите се надеваат дека ова ќе фрли нова светлина на тоа што точно се случило со бродот, кој потона во 1912 година. Во оваа најголема бродска несреќа која се случи кога бродот удри во санта мраз загинаа над 1.500 луѓе. Бродот пловеше од Саутемптон до Њујорк, беше испратен со голема помпа и како ново технолошко чудо а за „пловидбата кон смртта“ карти можеа да си дозволат само богатите луѓе.

„Сè уште има прашања, основни прашања, на кои треба да се одговори за бродот“, изјави за Би-Би-Си Паркс Стивенсон, аналитичар на несреќата на Титаник. Тој рече дека 3 D фотографијата е „еден од првите големи чекори во истражувањето на трагедијата засновано на докази – а не на шпекулации“.

Титаник е опширно истражуван од откривањето на неговите остатоци на дното на Атлантикот во 1985 година. Но, тој е толку огромен што во мракот на длабочината, камерите можеа да покажат само „атрактивни“ снимки од бродот во распаѓање.

Новото скенирање, пак, го доловува потонатиот брод во целост, откривајќи целосен поглед на Титаник. Тој е преполовен на два дела одделени на околу 800 метри. Околу него лежи огромно поле со остатоци.

Скенирањето беше спроведено во летото 2022 година од Magellan Ltd, компанија за мапирање на длабочините на морето, и Atlantic Productions, кои снимаат документарен филм за проектот.

Наменски подморници, контролирани од далечина од тим на специјализиран брод, поминаа повеќе од 200 часа истражувајќи ја должината и ширината на потонатиот брод. Тие направија повеќе од 700.000 слики од секој агол, создавајќи точна 3D реконструкција.

Герхард Сајферт од Магелан, кој ја предводеше експедицијата, рече дека тоа е најголемиот проект за подводно скенирање што некогаш го презел.

„Длабочината од речиси 4.000 метри, претставува предизвик, а има и струи, и не ни е дозволено да допреме ништо за да не го оштетиме потонатиот брод“, објасни тој.

„Другиот предизвик е што треба да го мапирате секој квадратен сантиметар – дури и неинтересните делови. Скенирањето го покажува и размерот на бродот, како и некои ситни детали, како што е серискиот број на еден од пропелерите“, кажа тој.

Една од ретките фотографии на Титаник

Крмата, сега покриена со сталактити од ‘рѓа, но сè уште е веднаш препознатлива дури и 100 години по потонувањето на бродот. Може да се препознае и палубата за чамци, каде што отворената дупка дава поглед во празнината каде што некогаш стоеле големите скалила. Сепак, тоа е хаотичен хаос од метал. Овој дел од бродот се урнал додека се заринкал во морското дно.

Во околината има расфрлани предмети, вклучително и украсена метален дел од ентериерот на бродот, статуи и неотворени шишиња со шампањ. Има и лични работи, вклучувајќи и десетици чевли кои се препознатливи во талогот.

Паркс Стивенсон, кој го проучувал Титаник долги години, рече дека бил фрапиран кога првпат ги видел скеновите.

„Тоа ви овозможува да го видите потонатиот брод како што никогаш не сте можеле да го видите од потонувањето, и можете да го видите цел“, рече тој. Додаде и дека  проучувањето на снимките може да понуди нов увид во тоа што се случило со Титаник во таа кобна ноќ во 1912 година.

„Навистина не го разбираме карактерот на судирот со сантата мраз. Не знаеме ни дали го удрила по десната страна, како што е прикажано во сите филмови – можеби бродот се качил врз сантата“, објасни тој.

Проучувањето на крмата, додаде тој, може да ја открие механиката за тоа како бродот удрил во морското дно.

Морето си го зема данокот на потонатиот брод, микробите го јадат, а делови се распаѓаат. Историчарите добро знаат дека истекува времето за целосно разбирање на оваа се уште најголема поморската катастрофа.

Но, скенирањето сега ја замрзнува сликата и ќе им овозможи на експертите да го разгледаат секој мал детал. Надежта е дека Титаник сепак ќе ги открие своите тајни.