Живи статуи во Петок и Сабота ќе го сопрат брзањето во центарот на Скопје

|

На улицата „Македонија“, во Скопје, на 19 и 20 мај со почеток во 18:30 часот, ќе се одржи седмото издание на уличниот фестивал за живи статуи „Статуафест”. Годинава фестивалот се одржува под мотото „Голема брзина на стоењето”.

„Преку улични живи статуи поставени во најразлични актови, долж улицата „Македонија“ во центарот на Скопје, ќе ги замрзнеме во едно место речиси сите карактери на едно обично секојдневие за истите да можат одблизу да се видат себеси како во огледало и да се прашаат, дали навистина толку многу важно е да брзаме, и, како безглавото брзање навистина влијае на нашиот живот и на нашето здравје“, велат организаторите.

Тие посочуваат дека се инспирирани од најразлични настани од секојдневието.

„Го избравме токму брзањето затоа што живееме во време во кое безглавото брзање кон некаде/никаде стана рутина, односно стана наше секојдневие. Сосем непотребно чувство за сите нас“, додаваат од „Статуафест“.

Од тие причини и целта на овогодишниот фестивал, велат е да му каже СТОП на овој непотребен синдром на живеење кој, непокането се всели во нашите животи и стана „Добро утро/Добар ден/Добровечер” за речиси секој еден од нас. Сакаме суштински да ги замислиме нашите сограѓни, а и сите останати кои одблизу ќе го погледнат овогодишниот „Статуафест” и да си постават прашање: колку навистина многу кон некаде брзаме?

Артистите кои ќе настапуваат на овогодишниот фестивал се од продукцијата „Театроск“, која всушност и го организира фестивалот.