Нов однос кон Софија или загревање за избори?

|

Реакции во бугарската јавност предизвика изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, дека „дискурсот што го користи Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен на дискурсот на Руската Федерација кон Украина“.

Фактот што таа беше искажана на меѓународна сцена, односно на генералната дебата на Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик, во некои медиуми во соседството доби епитет „грандиозен скандал во Рејкјавик“.

Во македонската јавност изјавата на Ковачевски прозвучи изненадувачки, со оглед дека премиерот и претставници на Владата досега негуваа многу смирени тонови во оценките на изјави или потези од Бугарија, дури и тогаш кога се очекувало да бидат поостри и поенергични. Во ваквиот пресврт во тонот, домашни аналитичари препознаваат реторика соодветна за изборни подготовки.

„Станува јасно дека нема да има 80 пратеници кои ќе гласаат за уставни измени, и на некој начин оваа изјава наликува на подготовка за избори – и претседателски, и парламентарни. Не очекувам тие да бидат предвремени, иако не го исклучувам и тоа, ако во соодветен момент се констатира дека нема двотретинско мнозинство за уставни измени“, вели Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

За уставните измени кои се обрска од преговарачката рамка со ЕУ, недостига приближно сличен број на гласови колку што беа потребни и за уставните измени кои произлегоа како обврска по Договорот од Преспа. Тогаш, еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека верува оти осум или девет гласа можат да се обезбедат „со комбинација меѓу балканското и рационалното“.

За разлика од 2018 година, сега е многу извесно дека „балканскиот начин“ е исклучен како „опција“, но не само поради децидниот став на ВМРО-ДПМНЕ дека „уставни измени во овој парламентарен состав – ќе нема“.

„Овојпат ни странците не даваат поддршка за ‘балкански начин’, со користење уцени или закани, и од тој аспект нема пресврт на повидок“, вели Кржаловски.

Далеку од критериумите на ЕУ

Ковачевски вчера (17.05) не беше осамен во критика на односот на Софија кон Скопје. И претседателот Стево Пендаровски се осврна на билатералниот спор со Бугарија како пречка во македонските интеграции кон ЕУ, наведувајќи дека пред две и пол години Софија почна да изнесува барања кои немаат никаква допирна точка со критериумите на ЕУ.

„Започнаа да зборуваат за македонскиот етнички идентитет, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека во периодот од 1941 до 1944 година тие биле администратори, а не окупатори, и сето тоа беше во писмена форма дисеминирано до сите амбасадори. Таков тип на историски ревизионизам е апсолутно недозволив во секоја сериозна дискусија. Таков дијалог не прилега од страна на земја-членка на ЕУ“, рече Пендаровски на лидерскиот состанок во организација на Белградскиот центар за безбедносна политика, насловен „Руската агресија врз Украина: Нов моментум за проширувањето на EУ?

Зошто реториката на македонските политичари нагло се заостри?

„Можеби сметаат дека тоа носи поголем ќар. Бидејќи гледаат дека нема како да испорачаат уставни измени, ќе биде самоубиствено ако не ја мечираат реториката на ВМРО-ДПМНЕ. А пак ВМРО-ДПМНЕ веќе не е толку остра во оценките кон Бугарија, бидејќи СДСМ ја презема одговорноста за процесот во кој тие не биле консултирани. Ако ВМРО-ДПМНЕ победат на изборите, пред нив ќе биде обврската за уставни измени. И во кампањата за парламентарните избори ќе треба нешто да навестат во таа насока, па да видиме што ќе кажат“, вели Кржаловски.

Нагаѓања за црн список

Една од првите реакции за изјавата на Ковачевски стигна од ГЕРБ.

„Со сето срце си посакувам, еден ден да видам однос на Русија кон Украина каков што има Бугарија кон РСМ“, напиша на Фејсбук пратеникот и лидер на младите на ГЕРБ , Георг Георгиев.

Во објавата тој го потсетува Ковачевски на седум факти: дека Бугарија во 1992 година прва ја признала независноста на Македонија; во 1999 година двете земји склучилe Декларација за добрососедски односи; во 2017 година склучиле Договор за пријателство, добрососедство и соработка; Бугарија во 2018 година го започнала процесот на проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, со особена активност во однос на РСМ; Бугарија го отклучила процесот за склучување на т.н. Преспански договор, кој ѝ овозможил на РСМ да влезе во НАТО; И покрај бројните провокации, бугарскиот парламент покажал политичка мудрост и го укинал ветото за прием на РСМ во ЕУ.

„Тоа го направивме со верба дека нашите партнери од другата страна на западната граница ќе бидат на висина на договореното, кое беше постигнато со помош на ЕУ. Бугарија сè уште стриктно се придржува до договореното“, пишува Георгиев.

Во седмата точка наведува дека „Бугарија ќе остане на ниво на разумен, прагматичен и коректен партнер, земја членка на ЕУ, свесна за своите обврски кон регионот на Балканот“.

Во медиумите во соседството тема на интерес се „црни списоци на Бугари на кои не им се доволува влез во РСМ“, како што вчера во Рејкјавик се пожали бугарската потпретседателка Илијана Јотова.

„Можеме само да нагаѓаме дали постои таков список“, рече вчера бугарскиот службен министер за надворешни работи, Иван Кондов.

„Ние официјално не сме добиле таков список и не знаеме за негово постоење, кој е внатре и кои се аргументите за да има таков список“, изјави министерот.