Голем е бројот на нашинци кои ги оставија своите најблиски и со желба за подобар живот ја напуштија татковината и заминаа на печалба во развиените земји, особено во Германија.
Некои остануваат во странство за цел живот и се враќаат во Македонија само за празници, а некои, пак, работат неколку години в туѓина, заштедуваат неколку илјади евра и одлучно се враќаат да живеат онаму каде што се родиле.
Овие вторите, доколку работат најмалку 5 години во Германија и доколку за тоа време плаќале придонеси за пензиско осигурување, односно биле регуларно пријавени како вработени, тогаш ќе си дочекаат и германска пензија иако веќе одамна живеат во Македонија.
Секако, од придонесите за пензиското осигурување зависи и висината на пензијата, па колку се поголеми приходите, толку се поголеми и придонесите кои се плаќаат за задолжително пензиско осигурување.
Тие придонеси, пак, одредуваат колку пензиски поени, односно поени за заработка ќе соберете.
Па така, ако заработувате колку што заработува просечниот германски работник за една година, тогаш ќе ви биде доделен еден пензиски бод, а за секој таков бод имате право на т.н. вредност на пензијата – ова во моментов изнесува 36 евра.
Износот на месечната пензија по 5 години работа се пресметува според следната формула: месечна бруто пензија = поени заработувачка Х фактор за пензионирање Х моментална вредност на пензија Х фактор за тип на пензија.
И факторот на заминување и типот на факторот на пензија имаат вредност 1 ако не се пензионирате предвремено и пензијата е обична старосна пензија.
Ако во текот на 5 години сте земале просечна германска плата, тогаш со вашите придонеси сте собрале точно 5 пензиски поени.
Сегашната вредност на пензијата би резултаирала со месечна пензија од 180 евра, односно: 5 Х 1 Х 36 Х 1.
Денар разговараше со нашинка која веќе неколку години работи и живее во гратче близу Берлин.
– Веќе три години работам во ресторан и сум уредно пријавена, односно плаќам здравствено, социјално и пензиско осигурување. Помала ми е платата, но барем знам дека на 62 години нема да останам без скршена пара и ќе ми следува пензија. Условот е да работам уште две години тука, а после можно е да се вратам во Скопје – ни искоментира 27-годишната Елена.