Штипјанка скенирала 74.866 фискални сметки

|

По повод 4 години МојДДВ, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска заедно со Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска во Клубот на пратеници оддржаа брифинг за новинари.

Пред присутните се информираше дека од воведувањето на апликацијата до денеска на апликацијата МојДДВ регистрирани се 538.919 корисници и тој број континуирано расте. На почетокот на мерката во 2019 година, апликацијата имаше 213.055 корисници, во 2020 кон МојДДВ, се приклучиле нови 149.753 лица, во 2021 година апликацијата почнале да ја користат нови 74.668 лица, односно 70.314 нови корисници во 2022 година.

Во првите шест месеци од годинава, на апликацијата МојДДВ се регистрирале нови 31 129 корисници. Освен бројот на корисници, Лукаревска рече дека расте и бројот на скенирани фискални сметки на остварен промет. Во 2020 година, остварениот промет изразен во фискалните сметки изнесувал 106,5 милијарди денари, во 2021 година прометот изнесува 148,3 милијарди денари додека во 2022 година прометот од скенираните фискални сметки е 178,7 милијарди денари.

Најмногу скенирани фискални сметки се оние издадени од ланците маркети и бензиските пумпи. Најголем број односно 74.866 фискални сметки скенирала штипјанка, веднаш по неа е жителка на Валандово со 52 731 скенирана фискална сметка, а со 41 647 скенирани фискални сметки е жител на Кичево, потоа следат граѓани од Битола, Велес, Скопје, Прилеп, Кочани, Неготино и Гевгелија.

Лукаревска кажа дека 293.348 корисници на апликацијата се жени, а 245.571 се мажи, а ја користат лица од 15 до над 90 години.