Споменици од проектот „Скопје 2014“ се наплаќале и петпати поскапо од реалната вредност

|

Не само бронзата туку поскапо се плаќал и мермерот. И тоа речиси за петпати повеќе од реалната вредност.

Телма побара информации од свои извори во обвинителството, каде што се работи предметот со кодно име „Феникс“. Имиња на спомениците не добивме, туку само цифри. Но, по вкрстување на добиените податоци со јавно-достапните податоци на истражувањето на ПРИЗМА и БИРН, дојдовме до заклучокот дека станува збор за спомениците на царевите Самоил и Јустинијан Први.

Едниот поставен на плоштадот, а другиот поставен недалеку – од десната страна на кејот на реката Вардар.

Па така, според фактурите, тендерската вредност на споменикот на Цар Самоил е близу 1.400.000 евра. Италијанската „Пјетро Базанти“ ангажира подизведувач за 300.000 евра.

За споменикот на Цар Јустинијан Први, тендерската вредност е нешто над 1.400.000 евра. И во овој случај, подизведувачот наплатил 260.000 евра.

Овие два споменика се дел од вкупно трите изработени во оваа италијанска леарница. Третиот е споменикот на Методија Андонов – Ченто, исто така во центарот на градот.

И споменикот на Цар Самоил, но и споменикот на Цар Јустинијан Први се поставени пред точно 12 години, во мај 2011 година.

Обвинителите од ОЈО за гонење на организиран криминал со кодно име „Феникс“ возобновија истрага на СЈО стара седум години, за криминал направен пред речиси деценија и половина. Тргнаа во потрага на 57 милиони евра, испрани преку злоупотреби на службената положба, на барање на тогашниот премиер Никола Груевски.

Освен мермерните цареви, на списокот на обвинителите се најдоа и Воинот на коњ, за кој засега неофицијално, обвинителството се сомнева дека за него се испрани над 4 милиони евра.

Во шемата на „Феникс“ се и основачите на ТМРО, лавовите на мостот Гоце Делчев и други шест споменици. Италијанските фирми наплаќале дебели фактури, а македонски изведувачи монтирале мермер и бронза за и до петпати пониски цени. Разликите се испрани евра по кои трагааат обвинителите.

Притвори и долга листа на осомничени

Екс-градоначалникот на Центар, Тодоровиќ, веќе кажа дека не се чувствува виновен по неколкучасовниот распит кај судија на претходна постапка. Обвинителството побара затворски, а судот му одреди куќен притвор од 30 дена.

Тодоровиќ и уште едно лице, осомничени во истрагата под кодно име „Феникс“, добија домашен притвор, а поранешниот претседател на советот на Општина Центар, Владимир Здравев и уште три лица добија затворски притвор, додека еден е во бегство.