Цукерберг во четврток лансира сопствена верзија на Твитер: Еве како ќе се вика

|

„Мета“, компанијата мајка на Фејсбук, во четврток ќе лансира апликација која ќе му конкурира на Твитер. Апликацијата која се нарекува „Тредс“ („Threads“) ќе биде поврзана со Инстаграм, а веќе е можно да се нарача во продавницата на Епл (Apple), јавува Би-Би-Си.

Мета го опиша „Тредс“ (што може да се преведе како „нишки“) како „апликација за текстуален разговор“, а првите слики од екранот покажуваат дека контролната табла на апликацијата изгледа многу слична на Твитер.

Се чини дека оваа апликација на „Мета“ ќе биде бесплатна и нема да има ограничување на бројот на објави што може да ги види корисникот.

„Тредс“ е, според описот од продавницата на Епл, „апликација каде што заедниците се собираат за да разговараат за сè што е важно денес и што ќе биде тренд утре“.

Би-Би-Си верува дека оваа апликација може да биде голема закана за Твитер, бидејќи сопственикот на „Мета“, Марк Цукерберг, претходно позајмувал туѓи идеи и успешно ги спроведувал.

„Риалс“ („Reels“) на „Мета“ се копија на ТикТок (TikTok), додека „Сторис“ („Stories“) се многу слични на апликацијата „Снепчет“ (Snapchat).

„Мета“ има ресурси да се натпреварува со Твитер, бидејќи апликацијата „Тредс“ ќе биде поврзана со стотици милиони сметки на Инстаграм и нема да мора да започнува од нула како нејзините конкуренти, заклучува Би-Би-Си.