Поради основано сомнение дека сториле кривично дело насилничко однесување, истражниот судија на Жупанискиот суд во Дубровник на пет млади момчиња од областа Дубровник им изрече мерка притвор до 30 дена, објави босанскиот „Аваз.ба“.
Тие се обвинети дека кон четворица мажи, еден Хрват, двајца државјани на Босна и Херцеговина и еден државјанин на Северна Македонија, се однесувале насилнички, понижувачки и дрско на јавно место.
Според судијата Пер Милоглав, портпарол на Жупанискиот суд во Дубровник, притворот на Л.Ф. (22), Ј.Т. (19), Р.Т. (21), М.Г. (18) и Ј.К. (18) им е одреден затоа што кон сезонските работници покажале екстремна агресивност, непромисленост и бруталност, но постоела и опасност од повторување на кривично дело.
Полицијата информираше дека бруталното претепување на четворица сезонски работници од ланецот хотели „Валамар Ривиера“ дошло по ноќно излегување и вербален конфликт. Првичниот инцидент наводно се случил околу 5 часот пред ноќниот бар „Еликс“, кога сезонските работници за да избегнат понатамошен конфликт со такси го напуштиле местото и отишле во нивниот сместувачки објект.
Но, групата осомничени ги следела и откако работниците се симнале, физички ги нападнале и на тројца од нив им нанеле полесни физички повреди.
Истрагата утвдила дека петмината насилници ангажирале такси да го следи другото такси во кое биле работниците.
Младите насилници се уапсени и предадени на надзорникот на СВР Дубровник-Неретва, по што се изведени пред дежурен истражен судија, кој им одредил мерка притвор.