Тешка сообраќајна несреќа во Скопје, едно лице во болница – мотоцикл се судри со автомобил

|

Мотоцикл и автомобил се судрија вчера попадне во Маџари, пришто едно лице заврши во болница.

Несреќата се случи на крстосница од улиците Перо Наков и Боривое Милошевиќ помеѓу патничко возило „цитроен“, управувано од Ѓ.И.(28) од Скопје и мотоцикл „сузуки“, управуван од А.С.(45) од с.Арачиново, скопско, двете со скопски регистарски ознаки.

Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во ГОБ „Св.Наум Охридски“.

Увид на местото извршила екипа на СВР Скопје.

Жителите повеќепати се жалат дека на улицата се вози брзо, а во опасност се доведуваат нивните животи. Тие посочуваат дека повеќепати барале од Град Скопје, да се најде решение за овој проблем, пред некој да настрада.