Топлотен бран во Македонија – еве на која темпертура е правилно да ги ладиме просториите

|

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор Машински факултет – Скопје

Топлински бранови се јавуваат и во други земји во Европа и во светот. Како што се засилуваат климатските промени, така топлинските бранови стануваат се’ почести и со повисоки температури. Во земјите од јужна Европа, вклучувајќи ја РМ, највисоките регистрирани темеператури на воздухот достигнаа вредности над 45оС. Дури и во Англија е над 40оС.

Но штетните последици од топлинските бранови се се’ поголеми. Тоа се повеќе смртни случаи кај луѓето, суши, пожари итн. Според една студија направена од Францускиот национален институт за здравје и Институтот за глобално здравје во Барселона констатирани се 61.600 смртни случаи предизвикани од топлински бранови помеѓу 1 јуни и 4 септември во 2022 година. Поединечно, земји со најголем број смртни случаи биле Италија (18.010 смртни случаи), а потоа следат Шпанија (11.324) и Германија (8.173).

До пред неколку недели, кога траеше грејната сезона, имаше чести апели во јавноста температурата во просториите да се одржува на 20оС, а со цел да се штеди енергија. Меѓутоа, за летниот период важат сосема други препораки за параметрите на воздухот.

Температурата на воздухот во просториите во летниот период треба да биде 27оС (евентуално 26оС). Но ако надворешната темепература е над 35 оС, тогаш треба да се внимава разликата помеѓу надворешниот и внатрешниот воздух да не надминува 8 до 10 оС. При поголема разлика, кога човекот излегува надвор, организмот е изложен на температурен шок од кој може да се случат разни здравствени проблеми.

Релативната влажност на воздухот во просторијата треба да биде 50% (40 до 60%). Ако влажноста е повисока, тогаш температурата треба да биде приближно за 1оС пониска. Има региони во светот со голема влажност на воздухот каде што примарна задача на клима уредите е да вршат одвлажување.

Ладниот воздух од клима уредот не треба да струи директно на човечкото тело. Во спротивно, тој дел од телото станува постуден, со намалена циркулација на крв и појава на здравствени проблеми.

Со цел да се штеди енергија и во летниот период, постојат разни можности, меѓу кои и промени на навики во начинот на живеење. На пример, начинот на облекување. Се препорачува соодветна “летна“ облека, лесна, со светли бои, без вратоврска, кошула или блуза со кратки ракави, па дури и кратки панталони.

Во државни и јавни институции, во деловни канцеларии, по некои правила мажите носат одело и вратоврска дури и во лето. Но тогаш соодветна температура на воздухот треба да биде 20 до 22оС и притоа се троши повеќе електрична енергија на системот за ладење. Конзервативните правила со носење одело и вратоврска во летниот период треба да се менуваат. Што побргу, тоа подобро.

Неповолен е фактот што во Скопје постојат т.н. топлински острови: згради, површини со бетон и асфалт. Кај нив температурата на воздухот е за неколку степени повисока од деловите каде што има зеленило. Оваа појава ја има во голем број градови во светот, но градот Скопје имаше шанса да го избегне ова бидејќи по земјотресот од 1963 година изградбата на градот речиси почна од нула. А бетонизацијата на градот продолжува и понатаму. Секоја зелена површина е потенцијална мета на т.н. градежна мафија, особено во општините Центар, Карпош и Аеродром.

Заради зголемување на температурата на воздухот од климатските промени, се’ поголем број од населението во светот користи клима уреди. Со тоа се зголемува потрошувачката на електрична енергија, а бидејќи во поголем дел се произведува со согорување на фосилни горива, тоа уште повеќе влијае на глобалното затоплување.

Кога се зборува за ладење на воздухот во просториите, скоро сите граѓани помислуваат на клима уреди т.н. сплит системи. Кај нив постои слаба информираност, особено за техничкиот аспект и за можните решенија. На оваа тема можеби ќе подготвам напис во текот на овој месец.