Од 1 август ќе има нова цена на парното греење за корисниците во Скопје. Регулаторната комисија за енергетика во наредните две недели ќе ги разгледува барањата на трите компании на АД ЕСМ коишто управуваат со централниот топловоден систем, и како што објаснува првиот човек на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски, збирот на барањата имплицира крајно зголемување на цената од 54,2%.
Во пресметките доставени до РКЕ, ЕСМ–Дистрибуција бара зголемување за 50%, ЕСМ-Снабдување за 54,2%, само ЕСМ–Производство бара намалување за 29,42%. До РКЕ барања доставиле и ЕСМ-Енергетика и Топланата Скопје Север, со кои, исто така, управува државната ЕСМ.
Бислимоски вели дека крајните цени ќе се добијат по анализата на пријавените трошоци и најмногу ќе зависат од проекциите за цената на природниот гас во европските земји и тој очекува дека во претстојната зима нема вртоглаво да скокаат. ДДВ-то за топлинска енергија останува 5% и за сега нема најава дека ќе се менува.
АД ЕСМ менџираше со изминатата грејна сезона откако Балкан Енерџи Груп се изјасни дека финансиски не се способни да произведуваат и дистрибуираат топлина до над 60 илјади корисници, поради десеткратното зголемување на цената на природниот гас на светските берзи, по што Владата им ги одзеде лиценците за работа и ги додели на трите новоформирани фирми на државните електрани. Пред да се откаже од снабдувањето со топлина, приватната Балкан Енерџи Груп должеше 50 милиони денари по основ на договорот за деловно-техничка соработка а согласно одлуката на Влада за кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија во тек на грејна сезона 2021/2022. Долгот сега е целосно подмирен.Топланата Север лани прва почна да грее, но се соочи и финансиски проблеми и таа беше дадена на управување на АД ЕСМ, а оваа компанија од поодамна управува и со Железарското парно.
Во меѓувреме ЕСМ нуди бесплатно приклучување на системот за парно греење на сите домаќинства кои некогаш решиле да се откажат од овој тил на греење во зимските месеци од годината. Повторно вратени се 144, а нови има околу 1.640 потрошувачи. Акцијата ќе трае до крајот на август годинава, а од 1 септември приклучувањето на системот за топлинска енергија ќе се наплаќа согласно важечкиот ценовник.