И денеска пеколни температури. Максималната во интервал од 34 до 41 степени. УВ=10. Во Битола денес со максимална дневна температура од 36 степени. Информацијата од синоптичарите е дека и во наредните денови времето ќе биде многу топло, со високи температури. Утринските температури на повеќе места ќе бидат над 20, а дневните наместа ќе достигнуваат и над 40 степени поради што ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури. Во четврток попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотрајна нестабилност, а во понеделник се очекува преодно благо опаѓање на температурата. UV индексот ќе има многу висока вредност 10.
Владата како што информиравме до 25 јули ги продолжи препораките за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.
Како топлото време влијае на нашето здравје и што да направиме?
Од Институтот за јавно здравје велат дека кога амбиенталниот воздух се приближува или ја надминува нормалната телесна температура од отприлика 36,7°С способноста на човековото тело да се лади слабее. Дополнително, кога релативната влажност на амбиенталниот воздух е висока, потта е уште потешко да испари и следствено и ладењето на телото се отежнува.
Кога телото станува премногу жешко или има проблеми да ја балансира температурата, тоа може да доведе до чувство на слабост, сува уста, вртоглавица, гадење, прекумерно потење, сува кожа, грчеви. Со отежнување на т.н. „сончаница“ може да се појават и следните симптоми и знаци престанок на потење, екстремно топла кожа, конфузија (зашеметеност), забрзана срцева фреквенција, отежнато дишење, несвестица и сѐ до смртен исход.
Од Институтот за јавно здравје со препораки за топлото време.
Колку треба да биде внесот на вода при топло време?
Во летно време, велат дека пиењето на вода треба да е континуиран процес, не треба да се чека ожеднување или момент на влошување на здравствена состојба за да се внесе вода. Соодветен внес на вода во телото за возрасни со просечна тежина од околу 70 kg е околу 2 литра, велат од Институтот за јавно здрвје
Меѓутоа, човечкото тело по својата природа на функционирање некогаш може да има потреба од повеќе вода, па со цел за нормално функционирање на телото треба соодветно надополнување. Имено, при топло време, препорачливо е внесот на водата да ја надмине оваа количина. Исто така, многу е важен рамномерниот внес на течности во тек на цел ден, а не тоа да се прави само во одреден временски период од денот.
Во тек на топло време клучно е да се избегнат пијалаци што содржат висока количина на кофеин (чај, кафе), шеќер (засладени безалкохолни пијалаци) и алкохол. Овие течности, по нивните диуретични својства, овозможуваат организмот да изгуби поголема количина на течности, а со тоа претставуваат потенцијална опасност за дехидратација на организмот.
Работниците на отворено, на секои половина час треба да пијат по најмалку половина чаша вода, велат од Институтот за јавно здравје.