15-на бизнисмени, инспектори и вработени во УЈП, кои утрово се уапсени за злоупотреба на финансисксиот инструмент „даночен гарант“, се товарат за проневера на околу 840 илјади евра.
Од приведените, најзвучно е името на поранешниот заменик директор на скопската дирекција на УЈП, Исмет Гури, кој минатата недела беше осуден на 3 и пол години затвор за изборни злоупотреби во случајот Титаник 3.
За Телма извори од „огнената група„ што произлезе од ДУИ велат дека, ова е заплашување и притисок кон бизнисмени, функционери и личности со влијание во нивните населби, а кои сакаат да се приклучат кон новата партија што наскоро ќе биде формирана.Тврдат дека, и од позицијата во УЈП е сменет во бранот на разрешувања од функциите на лица кои застанаа на нивна страна. Гури не беше именуван функционер од страна на владата, туку поставен од дирекцијата на УЈП.
Заедно со него е уапсен и неговиот син, како и уште 13 други лица, меѓу кои има и лица од Неготино и од Кавадарци. Вмешани во случајот се и три фирми. Сите се товарат за „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службена положба“, „затајување на данок и перење пари“.
Според обвинението, изготвувана е фиктивна документација, се пребивал даночен долг и се склучувани договори со даночни должници преку кои за возврат добивале гориво, луксузни возила и станови, кои подоцна ги препродавале на трети лица. Врз основа на таквите фиктивни договори, издавале невистинити фактури, со пресметан ДДВ, едни кон други, а потоа доставувале барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок до УЈП, соопштија од Јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.
За да го прикријат потеклото на паричните средства, пуштиле во оптек околу 400 илјади евра, за кои знаеле дека потекнуваат од кривично дело – Даночна измама. Гури се сомничи и дека, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, дел пуштал во промет во име и корист на неговиот син, при што бил купен деловен простор со површина од 102 м2, вреден околу 150.000 евра.
Средства во повеќе наврати биле префрлани и на име на позајмица од осомничените правни лица. За да легализира нелегални пари во износ од околу 250 илјади евра, ги дал во готово на осомничено овластено лице кој, пак, во повеќе наврати, како дневен промет ги внел на сметките на својата фирма, а потоа повторно, во повеќе трансакции, како позајмица биле префрлени на фирмата на синот на Гури.
При претресите, полицајците непланирано уапсиле уште две лица кај кои е најдена муниција.
Обвинителот бара притвор за тројца осомничени, додека за останатите предлага други мерки за обезбедување на присуство во текот на постапката.