Дали ќе плаќаме поскапо парно од 1 август?

|

Се зголемува неизвесноста кај граѓаните во очекување на одлуката на Регулаторната комисија за енергија, која ќе биде цената на топлинската енергија која ќе се наплаќа од 1 август.

Регулаторот се уште ја нема закажано седницата на која ќе бидат разгледувани предлозите на трите фирми на ЕСМ кои вршат производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за скопјани, но тоа секако мора да се случи до крајот на оваа недела.

Во обид да се разбере барањето на компаниите за 54 % покачување на цената, експерти за „Локално“ објаснуваат дека цената за топлификација најмногу зависи од цената на горивото т.е гасот која се менува на берзите, а извесно влијание има и дали во производството на топлина ќе биде вклучена Те-То.

Како основна причина зошто се бара зголемување на цената на парно греењето, компаниите ги навеле зголемените дистрибутивни трошоци за испорака на топлинска енергија до граѓаните, поскапените материјали и опремата за работа на глобално ниво.

Од РКЕ минатата недела рекоа дека ги разгледуваат барањата за пријавени трошоци на компаниите и ветија дека ќе се бара решение кое нема да предизвика ценовен шок за граѓаните.