Оштетени покриви, фасади, откорнати дрвја – Еве каква е состојбата во Македонија по вчерашното невреме

|

Центарот за управување со кризи информира каква е состојбата по вчерашното невреме од обилни врнежи од дожд и град кое зафати делови од Македонија.

Невремето што зафати дел од градските и приградските населби на град Скопје на телефонскиот број за итни повици Е–112 добиени се повеќе од 40 известувања од кои повеќето се однесувале на паднати дрва на различни локации во градот кои го попречуваат движењето на граѓаните и одвивањето на сообраќајот, како и за паднати бандери со струјни и телефонски кабли.

Сите известувања од страна на РЦУК Скопје препратени се до дежурните екипи во ЈП Паркови и Зеленило, диспечерскиот центар на ЕВН Македонија, А1, Телекабел и Телеком, за нивна понатамошна интервенција.

Невремето претежно ги зафатило општините Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром и Студеничани, од каде има повеќе пријави и за оштетени покриви, фасади, прозори и моторни возила.

Регионот на Струмица бил зафатен од невреме проследено со силен ветер. Имало паднати дрвја на регионалниот пат Ново Село – Самоилово, на магистралниот пат Струмица – Ново Село и на магистралниот пат Струмица – Валандово.

Известени се ЈП Македонија пат за да ги одстранат паднатите дрва. Имаат регистрирано и падната бандера на ул.Бошко Буха бр.90 во Струмица и во с.Попчево. За ова известени се дежурните служби на ЕВН Македонија И ЕЛС Струмица.

Како последица од силниот ветер и невремето кое го зафати подрачјето на општина Пробиштип во попладневните часови, на патниот правец с.Ратавица – м.в.Киселица и с.Ратавица – с.Леговец имало паднати дрвја. Од страна на ПС Пробиштип и ТППЕ Пробиштип е интервенирано и дрвјата се отстранети од споменатите патни правци.

На подрачјето на општина Карбинци, на патниот правец Штип – Кочани, пред бензинската станица кај с.Крупиште имало паднато дрво како последица на силен ветер. Од страна на ПС Штип и ТППЕ Штип е извршено отстранување на истото. Исто така како последица од силниот ветер имало и падната топола во с.Радање, а селото привремено останало без напојување со електрична енергија.

ТППЕ Кочани имала техничка интервенција на паднато дрво во близина на с.Тркање. Интервенирано е со 2 пожарникари и 1 ПП возило.

Подрачјето на општина Старо Нагоричане, поточно селата Канарево, Цвиланце, Бајловце, Брешко, Аљинце и др биле зафатени од невреме со врнежи од крупен град (околу 10тина минути), и силен дожд и ветер.

Исто така и територијата на општина Кратово била зафатена со невреме со врнежи од град, поточно дел од градот Кратово и селата Кетеново, Куклица, Туралево и Трновац.