„Ќе трошиме колку сакаме, ама ќе плаќаме до 3.000 денари“: Слупчанци поднесоа 13 апсурдни барања до ЕВН

|

Простување на сите досегашни долгови за струја кои изнесуваат по неколку илјади евра, бесплатни нови приклучоци, без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање, да им се простат долговите… Ова се дел од барањата кои ги поднесоа жителите на Слупчане, и за кои велат дека ако не им се исполнат – нема да дозволат екипи на ЕВН да влезат во селото, објавува ПлусИнфо.

Во кумановското село Слупчане е потворно тензично откако жителите не дозволија екипите на ЕВН да пристапат до трафостаницата, иако претходно ветија дека нема да ја попречуваат работата.

Мештаните доставиле официјално барање до ЕВН, со кое инсистираат да им се простат сите досегашни долгови кои изнесуваат по неколку илјади евра, да добијат бесплатни нови приклучоци, без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање за електрична енергија и слични други барања кои се спротивни на законските регулативи.

– Екипите на Електродистрибуција се соочуваат со вербални и физички напади од жителите, како и целосни блокади за влез во селото. Сѐ додека не се создадат нормални услови за работа, екипите нема да работат на отстранување на дефекти или пак да реализираат редовни работни активности во тој регион – велат од ЕВН за Плусинфо.

Веќе неколку недели без прекин трае отпорот на слупчанци, кои при обид сами да ја вклучат струјата на селото, на 5 јули предизвикаа сериозен дефект кој ги остави и околните села без снабдување со електрична енергија.

Дефектот беше саниран утредента од страна на ЕВН, по добиени ветувања од мештаните дека ќе дозволат да се работи, а на разговор со нив беа министерот за економија, Крешник Бектеши и градоначалникот на Липково, Еркан Арифи.