Товарен брод кој превезуваше, речиси, 3.000 автомобили се запали во Северното Море, пришто еден член на екипажот загина, а повеќемина се повредени. Крајбрежната стража на Холандија работи на спасување на бродот од потонување во близина на важна станица за птици преселници.
„Чамци и хеликоптери се користеа за извлекување на 23-члениот екипаж по безуспешниот обид за гаснење на пожарот“, се наведува во соопштението на холандската крајбрежна стража.
Причините за пожарот сè уште се непознати, а не е јасно ниту како загина членот на екипажот. Бродот, кој исплови од германското пристаниште Бремерхафен кон Сингапур, се запали на 27 километри северно од холандскиот остров Амеланд.
„Моментно на лице место се повеќе пловни објекти кои ја следат ситуацијата и се борат за контрола врз пожарот. Бродот превезуваше автомобили, што дополнително го отежнува гаснењето на пожарот. Не е лесно да се контролира таков оган, поготово не на таков брод“, изјави портпаролката на крајбрежната стража, Леа Верстег.
Бродот е во близина на холандски и германски острови во Ваденското Море, популарни меѓу туристите, во област која е на листата на светското културно наследство и кој УНЕСКО го означува како „едно од најважните подрачја за притиците преселници во светот“.