Идентификувани се повеќе напаѓачи од инцидентот во Чаир

|

Приведени се дваесет и едно лице пред фудбалскиот напревар меѓу Левски и Шкупи, а за инцидентот во Чаир, каде има и едно повредено лице, идентификувани се повеќе напаѓачи и за скоро време деталите за овој инцидент ќе бидат соопштени, изјави денеска министерот за внатрени работи Оливер Спасовски.

– Тоа беше меч оценет како меч од висок ризик. Меѓутоа, морам да кажам дека од почетокот на мечот до неговото завршување практично и немавме некаков инцидент. На почетокот при влегувањето имавме една група навивачи кои дојдоа од соседна Бугарија и кои практично се однесуваа насилно кон припадниците на македонската полиција. Приведени се вкупно 21 лице, од кои 19 бугарски државјани и двајца македонски државјани кои биле дел од навивачката група на Шкупи – рече Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелник на новиот објект на полициската станица во Аеродром.

Тој посочи дека македонската полиција била организирана за овој натпревар со предзнак од висок ризик и затоа навивачите од Бугарија, кои пристигнале на граничниот премин Деве Баир биле преземени и во полициски кордон донесени на фудбалскиот стадион. За инцидентот во Чаир, како што појасни, најверојатно имало навивачи кои пристигнале со неколку возила.

– При поминувањето во Чаир, преку одредена провокација која што ја прават, настанува конфликт при што знаеме дека има едно повредено лице. Таму се идентификувани веќе напаѓачите. Моментално работат колегите и јас очекувам за многу скоро време да ги имаме детално сите информации за што ќе ве известиме – изјави Спасовски.

Првиот човек на македонска полиција порача дека спортските настани треба да бидат места за уживање, а не места во коишто ќе се продуцира насилство.

– Тоа е најважната порака што сакам да ја пратам до сите граѓани, посебно до сите спортски навивачи коишто учествуваат на спортските натпревари – рече Спасовски.