Едем ден по угинувањето на двата коњи, во скопската Зоолошка градина угинал и третиот прежевалски коњ. Станува збор за ретки и многу вредни коњи кои по потекло се од Монголија, а во скопската Зоолошка биле донесени од Австрија како донација од компанијата „Сафари Македонија“.
Првиот случај за угинатите коњи во полицијата го пријавил вработен во Зоолошката градина кој се посомневал дека коњите се отруени. Од МВР денеска потврдија дека вчера околу 14 часот во Зоолошката градина угинал уште еден коњ.
Од скопската Зоолошка градина засега нема официјално објаснување што се случило со коњите.
Вчера со реакција се јави еден од донаторите на вредните прежевалски коњи.
-Очекувавме и се надевавме на овие животни да им биде пружена многу подобра нега, а не тие да угинат на ваков начин. Во моментов, не знаеме точно од кои причини угинале коњите, но во секој случај станува збор за тажна епизода, бидејќи скопската Зоолошка градина изгуби вредни животни – рече донаторот истакнувајќи дека се работи за исклучително ретки и вредни животни и изразувајќи разочараност од третманот што го имале коњите во скопската Зоолошка градина.
Обдукцијата треба да утврди што било причина за смртта на расните коњи.
За потсетување, во ЗОО Скопје од инфекција со салмонелаш пред два месеци угина жирафта Каспер.