Охрид е на пат да ја има најдобрата туристична сезона досега

|

Во натпревар со традиционалните летни туристички дестинации на Балканот лоцирани покрај морето, досега најголемиот туристички центар во земјава, Охрид, често мораше да седне на задното седиште, пишува БИРН во текстот посветен на растот на странски туристи во земјите од соседството.

„Но, не оваа сезона. Локалните туристички работници велат дека капацитетите се преполни. Иако сè уште нема бројки за јули, тие велат дека зголемувањето во споредба со минатата година може да биде 50 проценти или повеќе, и дека ова ќе биде убедливо најдобрата сезона од почетокот на пандемијата со COVID-19 и можеби една од најдобрите сезони воопшто“, се вели во текстот.

„Деведесет проценти од хотелските капацитети се полни, а слична ситуација имаме и со приватните сместувања. Сезоната е во полн ек и големата навалица започна. Покрај домашните, имаме гости од Турција, Холандија, Англија, Норвешка и други земји“, велат за БИРН од Асоцијацијата на хотелиери.

Туристичките работници додаваат дека сместувачките капацитети се веќе резервирани до крајот на август. Тие веруваат дека оваа година Охрид има корист од стравот кај туристите од големите поскапувања, што можеби е причина да натера многу Македонци да останат во својата земја и да направат поскромен одмор на Охридското Езеро.

Од друга страна, за Охрид се упатија и странски туристи поради слична причина, бидејќи тој е релативно поевтина алтернатива за одмор за разлика од познатите морски дестинации.