МОН распиша јавен повик за аплицирање за субвенциониран студентски оброк

|

Министерството за образование и наука распиша јавен повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2023/2024 година.

Право на аплицирање имаат сите студенти кои се државјани на Република Северна Македонија, редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по било кој основ поголем од минималната нето-плата за тековната година.

Кандидатите треба да се пријават електронски на https://e-uslugi.mon.gov.mk/ каде треба да прикачат „Пријава“ за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и „Изјава“ за точност на внесените податоци.

Секој кандидат може да ја провери поднесената пријава, во електронската апликација во менито „Мои апликации“.

Рокот за пријавување за тековните студенти е од 1 до 10 август 2023 година.

За кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар рокот за пријавување е од 1 до 7 октомври 2023 година.

Кандидатите за статусот на пријавата ќе бидат известени по електронски пат.

Според најавата на МОН, студентите во претстојната академска година средствата за субвенциониран студентски оброк ќе ги добиваат на наменска платежна картичка.