Големо невреме во Словенија: Ситуацијата е екстремно сложена, пријавен е и смртен случај

|

Ситуацијата во Словенија е драматична откако ноќеска ја погоди силно невреме, кое донесе големи поплави и свлечишта. Поплавени се бројни места и патишта, а на терен се стотици пожарникари, војници и припадници на други итни служби.

Заповедникот на цивилната заштита на Горењска, Клемен Шмид, изјави дека речиси целата оваа покраина е под вода, додавајќи дека има заглавени жители дури и во центарот на Шкофја Лока, кои се спасуваат со хеликоптери.

„Областа на Шкофја Лока е особено погодена. Поплавени се патишта и бројни станбени и комерцијални објекти“, изјави Шмид.

Министерот за одбрана Марјан Шарец изјави дека во спасувањето се вклучени 250 војници и дека е активиран посебен акциски план. Пријавен е еден смртен случај во општината Камник.

„Ситуацијата е екстремно сложена. Голем дел од Словенија е погоден од оваа криза. Ги повикувам сите кои немаат итна потреба да не возат никаде“, кажа Шарец.

Поплавите прават големи проблеми и во покраините Корушка и Штаерска, каде што има села кои се отсечени од светот.

За денеска се најавени нови поројни дождови, со тоа што ситуацијата ќе биде полоша на истокот на земјата, кон границата со Хрватска.