УХМР: Утре се очекува невреме со пороен дожд и грмежи во цела Македонија

|

Невремето кое ја зафати Словенија и предизвика тотален хаос, доаѓа кон Македонија, предупредија од Управата за хидрометеоролошки работи.

По топлите денови, во текот на утрешниот ден ќе имаме силен дожд и грмежи низ земјава, особено во попладневните часови.

Ленче Ризова од УХМР вели дека интензинтетот на невремето во Македонија ќе биде послаб од тоа во Словенија, но сепак апелираше на внимателност.

„Овој фронтален систем постепено се поместува и утре од пладне го очекуваме во нашата земја. Веќе од попладнето, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има нестабилност на повеќе места. Таа ќе биде проследена со поинтензивни процеси во форма на невреме со поинтензивен дожд и за шест часа некаде ќе наврнат и над 20 литри на метар квадратен. Ќе има и силен ветер, електрични празнења“,изјави, Ленче Ризова – УХМР.

Утрешното најавено невреме го вклучи алармот и кај Водовод и канализација.

Екипите од претпријатието започнале со расчистувањае на сливниците и шахтите на критичните точки во градот, со цел непречено функционирање на атмосферската канализација.

Раководителот на секторот канализација, Саша Атанасов за Канал 5 истакна деке акцентот при чистењето е ставен на две места – подвозниците и улиците низ Скопје.

„Имаме пет подвозници кои се најниски точки во Скопје во атмосферската мрежа, ги проверуваме да бидат чисти, дали се исправни, дали функциниораат. Сливниците се детално исчистени. Таму е првиот акцент, а потоа одиме по сите улици и булевари за да може сообраќајот да се одвива нормално“,изјава, Саша Атанасов – ЈП Водовод и канализација.

Што се однесува до времето во наредните денови во земјава, ќе имаме пад на температурите кои ќе се движат од 14 до 33 степени.

Според статистиките на УХМР, август ќе биде значително посвеж месец од јули, кога температурите одеа и над просекот и се движеа околу 40 степени подолг период.