Апелациониот суд од Скопје му ја намали затворската казна од 18 на осум години на возачот Ангелче Николов (28) од Велес, потврди Основниот суд Велес. Николов лани на 17 декември, возејќи пијан на пешачки премин во Велес усмрти 11-годишно девојче и избега.
Првостепената пресуда беше изречена во Основен суд Велес од петочлениот Кривичен совет, со кој претседаваше судијката Габриела Гајдова.
На Николов му се судеше за две кривични дела „Тешки дела против безбедноста на луѓето“ и за „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“. Телесни повреди доби и мајката на девојчето. Во моментите кога го возел „мерцедесот“ тој имал забрана за управување на возило.
Останува изречената забрана за Николов за управување со моторно возило од „Б категорија“ во траење од 5 години. Сообраќајката се случи на 17 декември лани во 22:17 часот на пешачки премин близу ОУ „Васил Главинов“. По сообраќајката возачот Николов побегна од местото на настанот и 37 часа се криеше во населба Превалец.
Вештачењето покажало дека возачот критичната вечер, во моментот кога се случила несреќата возел под дејство на алкохол и со брзина двојно поголема од дозволената на тоа место. Згора на тоа, сообраќајката се случила на обележан пешачки премин. Николов призна вина за сторената сообраќајка, со смртни последици.